

Ние не сме лош народ. Проблемот е што предолго време живееме во недоверба и фрустрација. Нашето општество влезе во состојба на аномија, односно во растурен систем на вредности, токму поради недовербата кон институциите и кон луѓето. Секоја средина со многу ниска доверба ја јаде сопствената социјална кохезија и ја прави државата тешка за функционирање. Кога човек нема каде да се пожали, нема кому да му верува и го нема тоа чувство дека некој навистина ќе го слушне, тогаш започнува распадот. Прво во семејството, па во врските, пријателствата, соседството и на крај во целото општество. Бидејќи човек што предолго се чувствува понижен, изневерен, небезбеден и без глас, многу ретко го насочува бесот кон вистинскиот извор на проблемот. Најлесно му е да го истури врз поблиската, послабата или повидливата мета. А од сето тоа најмногу страдаат децата и младите.
Извештаите што ги прочитав наведуваат дека дури 4 од 5 деца во земјата се соочуваат со насилство од родителите. Уште пострашно е што две третини од оние што потврдиле дека виделе насилство врз деца, воопшто не го пријавиле. А токму врската со родителите, училиштето и заедницата е еден од главните заштитни фактори кај детето. Кога тоа ќе ослаби, расте агресијата, ризичното однесување и деликвенцијата. И тоа денес веќе се гледа. Во последно време сѐ повеќе малолетни лица влегуваат во криминал, а тоа не е знак дека детето е родено лошо. Тоа е знак дека домот, семејството, училиштето и средината потфрлиле. Значи дека веќе ни се случило душевно осиромашување на заедницата. Излезот не е во уште поголема омраза кон различните. Излезот е во итно враќање на критериумот, довербата, границите, пријавувањето на насилството, работата со родителите и посилни стручни служби во училиштата.